Мемети: Осум илјади граѓани доаѓаат во институцијата Народен правобранител и бараат заштита

Судството е повторно на прво место, на второ место се потрошувачките права, на трето место е полицијата, потоа доаѓаат имотно-правните односи, затворите, социјалата, како најкритични области во поглед на човековите права за минатата година, изјави Народниот правобранител Иџет Мемети во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Ако се има предвид дека во земјава некаде околу 8000 граѓани доаѓаат во институцијата Народен правобранител и бараат заштита, а од друга страна околу 4000 за кои ние отвораме постапка и бројката од 1200 каде што констатираме повреди, ако сето ова го споредиме со другите општества, доаѓаме до заклучок дека е значително голем бројот на граѓани кои бараат заштита од Народниот правобранител во Република Македонија споредено со другите општества. Мислам дека голем проблем е тоа што правната регулатива во Република Македонија многу често се менува. Честите измени, не само што им прават проблем на граѓаните, туку и јавната администрација ја прават неефективна е неквалитетна, затоа што и тие не може да се снаоѓаат во таа правна регулатива,“ вели Мемети.

Според Мемети, ако се има друга можност за да се постигне целта за спроведување на фер и квалитетна постапка со некоја друга мерка за обезбедување, не треба да се употребува мерката притвор.

„Ако ги гледате последните пресуди на Судот за човекови права по однос на условите во затворите или, пак, по однос на третманот во затворите или, пак, по однос на пренатрупаноста во затворите, има неколку пресуди за Грција и за Русија мислам, каде што условите и пренатрупаноста во затворите се третира како повреда од државата на член 3 од Конвенцијата, така што уште еднаш ја користам оваа прилика да апелирам до сите институции, затоа што таа пренатрупаност, тие лоши услови во тие наши затвори доведува до прекршување на човековите слободи и права. Нашите посети говорат дека од година во година бројот на лицата кои се на издржување мерка притвор се зголемува енормно,“ изјави омбудсманот Мемети во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.