Менталната способност на Скрипал е загрозена по нападот со нервен агенс

Нападот со нервен отров врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија можеби резултирал со намалување на нивните ментални способности и не е јасно дали воопшто ќе можат да закрепнат, изјави во четвртокот британски судија.

„Точните долгорочни здравствени последици од изложеноста засега не се познати, но медицинските испитуваа укажуваат на тоа дека нивната ментална способност може да биде намалена“, изјави судијата Дејвид Вилијамс.

Судијата потврди дека им дал дозвола на лекарите да земат примерок од крвта на Скрипал, за да може да ја анализираат експерти за хемиско оружје.

Неименуван консултант кој ги лекува таткото и ќерката Скрипал, изјавил дека двајцата се длабоко седирани, неспособни да комуницираат и дека засега не е возможно да се каже дали и до која мера ќе ја задржат менталната способност, се наведува во одлуката на судијата Вилијамс, пишува Reuters. Инаку и двајцата се во телесна стабилна состојба, додал консултантот.

Велика Британија ја обвинува Русија за напад со воен нервен отров за кој вели дека е од советско производство извршен на 4-ти март во Солсбери, на југот од Англија. Скрипал и натаму се во болница во „критична“ состојба, додека полицаецот кој прв им пружил помош од петокот е надвор од животна опасност, соопштија од Лондон.

Москва од почетокот на случајот негира дека има каква и да е поврзаност со овој напад со нервен агенс кој британските власти го нарекоа „новичок“. Агенсот, како што тврди еден од неговите главни творци кој денес живее САД, бил создаден во времето на Советскиот сојуз и според него само Русија е способна да го произведе. Ова доаѓа како западен одговор на руското потенцирање дека на развивање ваков агенс работеле пред три децении и Велика Британија, Шведска, Словачка и Чешка, а можеби и САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.