МЕПСО изгради нов далекувод од Штип до македонско-српска граница

МЕПСО изгради нов далекувод од Штип до македонско-српска граница
МЕПСО изгради нов далекувод од Штип до македонско-српска граница

МЕПСО го изгради новиот 400 kV далекувод од Штип до македонско-српската граница, а во моментов течат финалните активности за поврзување на последниот далекуводен столб на македонска страна со првиот столб на далекуводот на српската страна на меѓудржавната граница, со што ќе заврши процесот на поврзување на електропреносните системи на Република Македонија и на Република Србија. Електромонтерите на ко-изведувачот „Енергомонтажа”, од конзорциумот со шведски „Елтек”, во моментов работи на  извлекување и монтажа на фазните проводници за електрична енергија на затезните челично-решеткасти столбови на двете страни на македонско-српската граница. Со финализацијата на оваа фаза од работите  МЕПСО го затвора најголемиот тековен инвестициски проект вреден над 11 милиони евра.

На територија на Република Македонија се изградени 168 далекуводни столбови од 400/110 kV трансформаторска станица Штип до македонско-српската граница. Тоа е далекувод во должина од 70 километри кој се протега од штипската трафостаница до оваа точка на меѓународната граница. Далекуводот е изграден за 12 месеци, а неговата изградба започна во декември лани.

Изградбата на далекуводот започна во декември лани, а планирано е до крајот на овој месец тој интерконективен вод да биде ставен под напон. Следуваат финалните подесувања, проверки и тестирањата што претстојат по што овој капацитет за пренос  и во оперативно-техничка смисла ќе биде дел од нашата преносна мрежа.

– Особено сум горд на фактот што можам да истакнам дека во период од 8 години од 2007 година до сега МЕПСО изгради и стави под напон три 400 kV интерконективни далекуводи по еден со три соседни земји: Грција во 2007 година, со Бугарија во 2008 година и со Србија сега, истакна Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО при работната посета на поврзувањето на граничните столбови.

Со овој далекувод македонскиот електропреносен систем добива прва директна интерконективна врска со српскиот електропреносен систем. Со овој далекувод значајно се зголемува капацитетот за пренос на електрична енергија на нашиот електропреносен систем, а зајакнува неговата доверлива и стабилна работа. Стратешкото значење на овој нов далекувод е големо затоа што сега на коридорот север – југ Македонија ќе има вкупно 4 интерконективни далекуводи.

Со овој далекувод МЕПСО, односно Македонија добива петта интерконетивна врска со соседните електропреносни системи и тоа: две врски со Грција и по една врска со Бугарија, Србија и со Косово.