МЕПСО ќе гради нов 400 киловолтен далекувод

Македонскиот електропреносен систем оператор – МЕПСО почнува со изградба на нов  од трансформаторска станица Штип до македонско-српската граница. Новиот 400 киловолтен далекувод ќе биде електроенергетска врска со српскиот електропреносен систем и ќе ги поврзува 400/110 kV трансформаторските станици во Штип и во Врање, Република Србија, пишува МИА.

Инвестициската вредност на овој проект, информираат од МЕПСО, е 9,7 милиони евра. Тој ќе биде поставен на 168 челично-решеткасти столбови на траса долга 70 километри, од Штип до македонско-српската граница во близина на Куманово.

Моментално во 400/110 kV трансформаторска станица Штип во фаза е подигнување т.е. стручно наречено „плетење“ на првиот далекуводен столб со што, наведуваат оттаму, и официјално и симболично влегуваме во првата фаза на изградба на далекуводот од ТС Штип до македонско-српската граница.

МЕПСО во јули 2014 година во 400/110 kV трансформаторската станица „Штип“ ги воведе во работи изведувачите од конзорциумот „Енергомонтажа“ од Србија и „ЕЛ ТЕЛ Нетворк ТЕАБ“ од Шведска. Со тоа официјално започнаа подготвките за изградба на 400 kV далекувод од Штип до македонско-српската граница.

Овој преносен вод е од големо стратешко и енергетско значење заради тоа што се воведува електроенергетска врска со Република Србија која ги зголемува капацитетите за пренос на електрична енергија и ја зголемува доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво.

Трансформаторската станица Штип е најголема инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во источна Македонија во изминативе 70 години, со инвестициска вредност од 13 милиони евра која ќе ги задоволи потребите на овој регион за идните 20 години. Оваа трафостаница е ставена во функција во 2010 година е енергетска инфраструктура за источна Македонија и за новата слободна економска зона Штип во чија непосредна близина и се наоѓа.

Во трансформаторската станица „Штип“ директно е приклучен 400 киловолтниот далекувод со кој се поврзани електропреносните системи на Република Македонија и на Република Бугарија. Со изградбата на новиот далекувод до македонско-српската граница ТС Штип ќе стане многу значаен системски и стратешки енергетски јазол на македонскиот електропреносен систем во кој се поврзани македонскиот, српскиот и бугарскиот електропреносен систем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.