МЕПСО почнува со градба на последната делница од далекуводот Скопје-Тетово

Работите, како што соопштуваат од компанијата, ќе се одвиваат во близина на Тетово. – За таа цел од утре ќе мора да биде исклучен далеководот што сега ги поврзува Скопје и Тетово затоа што на постоечката траса ќе се уриваат старите и ќе се градат нови далекуводни столбови, се вели во соопштението од МЕПСО.

Новиот далекувод се гради со цел да се одговори на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија на полошкиот регион и да се обезбеди стабилно и доверливо снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија за среднорочен период во идните дваесетина години. Тоа е инвестиција вредна над 3,5 милиони евра. Новиот далекувод ќе го замени постоечкиот што беше во функција подолго од 60 години, стои во соопштението.

Заради изградбата на далекуводот Тетово и околните населени места ќе останат да се снабдуваат со електрична енергија од страната на Гостивар. МЕПСО, наведуваат во соопштението, ги презеде сите потребни технички мерки за непречено и доверливо снабдување со електрична енергија на Тетово и околните населени места. Сепак заради едностраното снабдување со електрична енергија предизвикано од објективни околности т.е. изградбата на далекуводот, а имајќи го предвид фактот дека Тетово и околината се голем конзумен регион, не може да се исклучи мал ризик од повремени и краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија. МЕПСО ги презеде сите мерки за периодот на градба што е планиран да трае 40 работни дена со стручните екипи што се подготвени во најкраток рок да интервенираат и да отстранат евентуалните пречки што можат да се појават при снабдувањето со електрична енергија.