МЕПСО: Завршени 75 отсто од градежните работи на македонско-српскиот далекувод

МЕПСО: Завршени 75 отсто од градежните работи на македонско-српскиот далекувод

Целосно се монтирани 80 столбови од 400 киловолтниот далекувод од ТС Штип до македонско-српската граница, а досега се завршени околу 75 отсто од сите предвидени градежни работи.

Ова го констатира работната група од МЕПСО предводена од м-р Синиша Спасов, генералниот директор на компанијата во работната посета долж трасата на далекуводот.

Како што соопштуваат од компанијата, досега се подигнати вкупно 100 столбови од кои во целост се монтирани 80 столбови, а на 20 столбни места во тек е финална фаза на монтажа на конзолите на челично решеткастите столбови. Градежните работи течат на уште 59 столбни, а на некои од нив се поставуваат темелите, а на некои столбни места се плетат столбовите. Овој далекувод има вкупно 168 столбни места од 400/110 kV трансформаторска станица Штип до македонско-српската граница. Заради спецификите на теренот работата не е започната само на 9 столбни места и се очекува на тие локации да се создадат услови за работа во текот на овој месец.

МЕПСО: Завршени 75 отсто од градежните работи на македонско-српскиот далекувод
МЕПСО: Завршени 75 отсто од градежните работи на македонско-српскиот далекувод

– Досега, според податоците од надлежниот надзор, во целост се завршени 86 отсто од поставување на фундаментите (темелите) и 50 отсто од работите што се однесуваат на монтажа односно плетење на далекуводните столбови. Може да се резимира дека досега 75 отсто од градежните работи на овој далекувод се завршени во целост. Очекуваме, согласно со планирната и утврдената динамика, во текот на овој месец да почнат и електромонтажните работи односно поставување на проводните јажиња и изолаторите односно овесната опрема. Според очекуваната динамика, далекуводот во целост треба да биде готов до септември годинава по што ќе биде ставен под напон и ќе добиеме електроенергетско поврзување со српскиот електропреносен систем, аточки на поврзување се трансформаторските станици во Штип во земјава и во Врање во Република Србија, потенцираше м-р Синиша Спасов.

Овој далекувод е инвестиција на МЕПСО во вредност од над 11 милиони евра. Околу 10 милиони евра се кредит од Светската банка, а останатите се сопствено учество на МЕПСО.

Изведувач на работите е српската компанија „Енергомонтажа“ од Белград.

Далекуводот е во должина од 70 километри и минува низ територија на општините: Штип, Карбинци, Свети Николе, Куманово и Старо Нагоричане. По ставањето во функција на овој интерконтивен далекувод македонскиот електроенергетски систем ќе добие втора врска на кордирот север-југ.

Ставањето во функција на овој преносен вод значајно ќе ја подобри доверливоста и стабилноста на нашиот електроенергетски систем, а ќе го зголеми и преносниот капацитет на мрежата на МЕПСО.

Подготвителните работи за изградбата на далекуводот започнаа во октомври 2014 година, а изградбата на далекуводното поле во транформаторската станица во Штип започна во јули лани.