Меркел: Германија може да се избори со бегалскиот бран

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека земјата може да се избори со рекордниот прилив на бегалци и мигранти без да го зголеми данокот и да ја загрози својата цел, а тоа е избалансиран буџет.

– Нема да ги зголемиме даноците. Исто така, се уште имаме цел да постигнеме избалансиран буџет без нови задолжувања, истакна Меркел.

Таа нагласи дека поради таквата позиција на Берлин му е полесно да се избори со толку „неочекувани задачи“, додавајќи дека бегалската криза сега е приоритет на германската Влада.

Бегалците да бидат рамноправно распределени ширум ЕУ

Меркел повторно повика бегалците да бидат рамноправно распределени ширум ЕУ во рамки на заедничката стратегија за соочување со бегалската криза без преседан.

– Целиот систем треба да се преуреди, истакна Меркел.

ОН: Кризата со мигранти нема да се реши ако се затвори вратата пред нив

Помошник генералниот секретар на Обединетите нации за човекови права, Иван Шимоновиќ предупреди дека кризата со мигранти не може да се реши доколку се затвори вратата пред нив.

– Ако се затвори вратат пред мигрантите, тие очајни луѓе ќе влезат преку прозорец, истакна Шимоновиќ во врска со бегалската криза во Европа.

Тој нагласи дека земјите од ЕУ беа многупати предупредувани да ја очекуваат оваа бегалска криза.

– Смртта на сириското момче, кое се удави покрај брегот на Турција по превртувањето на чамецот со илегални мигранти, ги натера луѓето да ја увидат човечката димензија на кризата, додаде Шимоновиќ.

Помошникот генералниот секретар на ОН за човекови права истакна дека голем број од бегалците, кои ги напуштаат своите домови, бегаат од војни.

 

 

Над 300.000 мигранти оваа година тргнаа преку Средоземното Море на пат кон Европа, на кој 2.500 од нив ги загубија своите животи.