Меркел: Германија сака да соработува со Македонија

Германија сака да соработува со Македонија и ќе биде среќна ако наредниве месеци дојде до решавање на спорот со името, изјави германската канцеларија Ангела Меркел.

– Ние сакаме со Македонија разумно да соработуваме и секако ќе ме радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името. Тоа е нешто во што не успеавме. Тоа не зависи само од Македонија, но зависи и од – Македонија, одговори Меркел на вчерашната заедничка прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ во Берлин на прашање на Дојче веле какви се нејзините очекувања од новата македонска влада.

Меркел потврди и дека на 28 август Берлин ќе биде домаќин на конференцијата на земјите од Западен Балкан.

– Очекувањата од конференцијата се дека со неа ќе придонесеме прво подобро да се запознаеме, зашто и ние во Германија не знаеме се’ за проблемите на земјите од регионот. Второ – да се засили соработката во регионот, особено кога станува збор за прекугранични проекти. И секако со неа (конференцијата н.з.) да се придонесе во доближувањето на целиот регион кон Европската унија. Нашата претстава е секоја година друга членка на Унијата да организира ваква конференција. За идната година е договорено тоа да го направи Австрија. Значи ќе има и конференција која ќе следува, изјави Ангела Меркел.