Меркел и Макрон го поддржуваат Мадрид во врска со Каталонија

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ѝ пружија во четвртокот јасна поддршка на владата на Шпанија во врска со каталонската криза, доаѓајќи на самитот на Европската унија во Брисел.

„Ги поддржуваме ставовите на шпанската влада (…) Се надеваме, исто така, дека ќе пронајдат решенија врз основа на шпанскиот устав“, изјави во белгиската престолнина германската канцеларка Ангела Меркел.

Европските челници од самитот во Брисел ќе испратат „порака за единствен став во врска со Шпанија“ додека на сцената е каталонската криза, изјави, пак, францускиот претседател Емануел Макрон.

Самитот на Европската унија се одржува во времето додека владата на Шпанија истакнува дека работи на укинувањето на автономијата на својата покраина Каталонија, по заканата на каталонскиот претседател Карлес Пучдемон дека ќе прогласи независност доколку продолжи репресијата. Односно апсењата на лицата кои властите во Мадрид ги сметаат за одговорни за организирање на каталонскиот референдум за независност.

Макрон пред официјалниот почеток на самитот се сретна со Меркел, а се очекува наскоро да се сретне и со шпанскиот премиер Маријано Рахој.

Шпанската влада во четвртокот отиде чекор натаму во укинувањето н акаталонската автономија, обвинувајќи го Пучдемон дека „оди од судир во судир“ во кризата којашто ѝ се заканува на стабилноста на Шпанија и ја загрижува Европската унија чиишто бројни земји членки се соочуваат со дамнешните сепаратистички тенденции на делови од своите теротории.