Меркел и официјално најави преговори со либералите и зелените

Ангела Меркел во саботата на конгресот на младината на демохристијанската Унија CDU/CSU во Дрезден првпат по парламентарните избори кон крајот на септември најави разговори за формирање на коалиција со Либерално-демократската партија (FDP) и Зелените.

„Ќе разговараме прво во Унијата CDU/CSU, а потоа и со FDP и Зелените. Ни претстојат тешки коалициски преговори, но се работи за тоа на крајот да создадеме влада на којашто може да се потпре“, изјави претседателката на CDU и германска канцеларка Ангела Меркел на конгресот на Младата Унија.

Истовремено даде до знаење дека повеќе на полага надежи во можно продолжување на досегашната „голема коалиција“ со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) па оттаму и коалицијата со либералите и зелените е единствената можна.

„Сега е јасно дека SPD на сојузно ниво до догледно време не е веќе способен да презема одговорност. И затоа не би требало повеќе да го трошиме времето и треба да се концентрираме на преговорите со FDP и со Зелените“, изјави Меркел, којашто во деновите по изборите и покрај одлучното одбивање на SPD за продолжување на коалицијата полагаше надежи во можна коалиција со оваа партија.

Меркел објасни дека создавањето на ткн „Јамајка коалиција“, којашто медиумите ја нарекоа така поради боите на партиите кои ја составуваат: црна-жолта-зелен, што се и боите на знамето на карипската земја, е новост на сојузно ниво, како и оти поради тоа нејзината Христијанско-демократска унија (CDU) на вонреден конгрес решила да се одлучи за коалицискиот договор.

Со сестринската Христијанско-социјална унија (CSU) која неприкосновено со децении ја застапува демохристијанската опција во сојузната покраина Баварија, CDU ќе започне преговори уште во неделата. Најспорната точка се однесува на горната граница за бројот на бегалците кои доаѓаат во Германија, што CSU ја поставува како услов за продолжување на преговорите, а што CDU веќе со години го отфрла тврдејќи дека поимот на горната граница не е согласен со германскиот устав.

Медиумите и коментаторите очекуваат дека преговорите за формирање на владата ќе бидат долготрајни и тешки, како и дека Германија новата влада сигурно нема да ја добие оваа година.