Свет

Меркел и Путин ја повторија поддршката за нуклеарниот договор со Иран

Меркел и Путин ја повторија поддршката за нуклеарниот договор со Иран

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин ја повторија во петокот својата поддршка за нуклеарниот договор со Иран и покрај тоа што од него истапија САД, објави Кремљ.

Договорот до 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили, меѓу кои и Германија, има „темелна важност“ за безбедноста и стабилноста во регионот, се согласиле двајцата челници во телефонскиот разговор, се наведува во соопштението на Кремљ кое го пренесува агенцијата ТАСС.

Меркел одлуката на американскиот претседател да ги повлече САД од договорот ја нарекла „причина за голема загриженост и жалење“.

Во петокот пред аудиториумот на католички конгрес во Мунстер, изјави дека договорот со Иран е „делеку од идеален“, но дека „не е исправно… еднострано да се напушти таков договор“. На истиот настан ја потврди германската доследност на меѓународната соработка.

„Избираме да го јакнеме мултилатерализмот, и во тешките времиња… Тоа е задачата којашто сега стои пред нас, поитна од кога и да е претходно“, заклучила германската канцеларка.

Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, ќе се состане во вторник со шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и Велика Британија, а ќе им се придружи и иранскиот колега, соопштија во петокот од Брисел.

Овие состаноци ќе се одржат точно една седмица откако Доналд Трамп објави дека се повлекува од нуклеарниот договор со Иран, којшто, пак, ЕУ сака да го сочува. Целосна поддршка на договорот му дадоа Париз, Лондин и Берлин. ЕУ поради тоа во средата започна разговори за да го убеди Иран да не го напушта договорот, што би значело повторно активирање на неговата програма за збогатување ураниум до ниво од коешто е лесно да се произведе нуклеарно оружје.

Могерини претходно седмицава потврди дека ЕУ „е решителна во тоа да сочува“ иранскиот нукеларен договор кој го оцени како „еден од најуспешните договор постигнат кога и да е во дипломатијата“.