Меркел им понуди преговори на социјалдемократите за формирање влада

Германската канцеларка Ангела Меркел во саботата уште еднаш се изјасни против нови парламентарни избори и покажа отвореност за продолжување на соработката со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и преговори за формирање на нова влада на таканаречената „голема коалиција“.

„Воопшто не ми се допаѓа идејата според којашто со резултатите од изборите во септември не би можеле ништо да започнеме, туку граѓаните сега повторно да ги тераме на избирачките места“, изјави канцеларката и претседателка на Христијанско-демократската унија (CDU), Ангела Меркел во саботата на партиската конференција на огранокот за сојузната држава Мекленбург-Вопромерн во Куелинзборн.

На адреса на SPD, кој по изборите ја исклучи можноста од продолжување на „големата коалиција“ со Унијата CDU/CSU, одново сигнализираше подготвеност за разговори за нова соработка.

„Ние секогаш сме отворени за нови преговори со заемно почитување, но и подготвени на компромиси“, изјави Меркел една седмица по пропаѓањето на преговорите за ткн „Јамајка коалиција“ меѓу нејзината демохристијанска коалиција, либералите од Слободните демократи (FDP) и Зелените.

Германската канцеларка уште еднаш изрази зачуденост од првичното категорично одбивање на SPD за продолжување на коалицијата со демохристијаните.

Без воопшто да ја спомене можноста за малцинска влада, Меркел рече дека сака да гледа нанапред по пропаѓањето на коалициските преговарање минатата седмица и целосно своето внимание го насочи кон SPD.

„Сметам дека е погрешно да се прави дека последните четири години не се случило ништо позитивно. Ние добро соработувавме, а на полињата каде соработката не беше оптимална ситуацијата може да се поправи“, изјави Меркел осврнувајќи се на четирите години владеење со социјалдемократите и заклучувајќи дека Германија економски е во најстабилниот период последните децении.

Од SPD, најстарата германска политичка партија на сегашната политичка сцена, по историски најслабиот изборен резултат од 20,5 отсто во септември, најлошиот од 1933 година, веќе во изборната вечер ја исклучија можноста да ја продолжат коалицијата со Унијата CDU/CSU, тврдејќи дека со гласањето „избирачите тоа го отфрлиле“.

По пропаѓањето на преговорите за „Јамајка коалицијата“ минатата седмица и притисокот на германскиот претседател социјалдемократот Франк-Валтер Штајнмаер врз партиите од Унијата CDU/CSU и врз SPD да се вратат на преговарачката маса за да се избегнат нови парламентарни избори, SPD на средбата на партиското претседателство во ноќта кон петокот сигнализираше подготвеност на преговорите и скршнување од актуелниот курс.

Меркел во саботата изрази задоволство од тоа што Штајнмаер ги повика претседателите на трите партии за можно ново издание на „големата коалиција“ следната седмица на заедничките разговори. Меѓутоа, работите не би требало да бидат лесни и бидејќи поранешните партнери истакнуваат различни политички позиции.

Меркел рече дека нејзината цел е да се одржи солидната германска финансиска состојба, да се намалат некои даноци и да се прошири дигиталната инфраструктура. Прифаќајќи го парањето на сестринската Христијанско-социјална унија (CSU), таа, исто така, рече дека има намера да го ограничи бројот на имигрантите кои се доселуваат во Германија на 200.000 годишно. Тоа, меѓутоа, не може да го прифатат во SPD.

„Ограничувањето, коешто и не мора така да се нарече, ги крши уставот и Женевската конвенција. Со SPD нема да има ограничување на членовите на семејствата кои сакат да им се придружат на азилантите“, изјави заменикот на претседателот на социјалдемократите, Ралф Штегнер за медиумската мрежа Funke.

Лидерот на SPD, Мартин Шулц, кој на чело на партијата дојде специјално за септемвриските избори за што се повлече од должноста претседател на Европскиот парламент, меѓутоа, рече дека ништо не е сигурно и вети дека за преговорите ќе гласаат членовите на партијата. SPD, инаку, е поделен бидејќи многу членови стравуваат дека обновувањето на големата коалиција би претставувало политичко самоубиство за партијата.