Меркел ја смета понудата на Меј за многу добар почеток, но остануваат многу прашања

Германската канцеларка Ангела Меркел ја оцени понудата на британската премиерка Тереза Меј во врска со правата на граѓаните на Европската унија по напуштањето на Велика Британија за добар почеток, но истакна дека остануваат отворени многу прашања поврзани кои треба да бидат решени.

„Тереза Меј јасно ни кажа дека граѓаните од земјите на ЕУ кои минале во Британија пет години ќе ги задржат целосните права. Тоа е добар почеток“, рече Меркел пред новинарите во четвртокот вечерта на самитот на ЕУ во Брисел.

„Меѓутоа, сѐ уште има бројни прашања кои се поврзани со излегувањето, вклучително и финансиските, како и односите со Ирска. Оттаму, имаме многу нешта да сториме до следниот самит во октомври“, порача германската канцеларка.

Коментарот на Меркел дојде по обраќањето на британската премиерка до челниците на 27-те земји членки на ЕУ, нудејќи им она што во Лондон се оценува како „чесен и сериозен договор“ во однос на граѓаните од другите земји на ЕУ кои живеат и работат во Велика Британија и за нивниот статус по Брегзитот.

Тереза Меј порача дека државјаните на Европската унија кои живеат во Велика Британија, ќе може да останат во неа и откако оваа земја ќе истапи од Унијата. Рече дека на овие граѓани ќе им дадена шансата да го договорат својот статус и да добијат британско државјанство. Понудата вклучува и еднаков третман како и за британските државјани по прашањата од здравственото осигурување, образованието, повластувањата и пензиите.

Британската премиерка, исто така, повика и на реципроцитет, и на тоа дека двете страни треба што поскоро да се договорат за идните права на граѓаните. Во својата понуда Меј не го споменува продолжувањето на јуриздикцијата на Европскиот суд на правдата, што беше клучното барање на ЕУ.