Меркел ќе го поддржи намалувањето на ЕУ царините на американските автомобили

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во четвртокот дека ќе го поддржи намалувањето на царините во Европската унија на увозот на американските автомобили, одговарајќи на понудата од Вашингтон да не се воведуваат царини на европските автомобили во замена за отстапки.

„Кога сакаме да преговараме за царините, на автомобилите на пример, потребен ни е заеднички европски став и сѐ уште работиме на тоа“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Американскиот претседател Доналд Трамп во јуни се закани дека ќе наметне царини од 20 отсто на увозот на возилата од Европската унија, поради според него нефер односот од страна на Унијата.

Според извори од автомобилската индустрија, американскиот амбасадор во Германија им кажал на претставници на гигантите „BMW“, „Daimler“ и „Volkswagen“ на средба во средата, дека Трамп би можел да се откаже од ваквите закани доколку ЕУ ги укине царините на увозот на американските aвтомобили.

Меркел рече дека за тоа би требало да се намалат и царините на автомобилите увезени од други земји, како што наложуваат правилата на Светската трговска организација (СТО – WTO).

„Би била подготвена да ги поддржам преговорите за намалување на царините, но не би можеле тоа да го направиме само за САД“, рече германската канцеларка.

Сегашните американски увозни царини на автомобилите од ЕУ изнесуваат 2,5 отсто, а на камионите 25 проценти. ЕУ има царини од 10 отсто на автомобилите увезени од САД.