Меркел: Малку е веројатно Турција на 1. јули да добие визна либерализација

Германската канцеларка, Ангела Меркел денеска изјави дека планот на Европската унија за безвизно патување за граѓаните на Турција од 1 јули треба да биде одложен поради опасноста дека Анкара нема на време да ги реализира клучните услови од договорот.

Турција се согласи повторно да ги прими бегалците кои пристигнале во Европа од нејзина територија во замена за визна либерализација за турските граѓани. Но, Европа настојува Турција пред тоа да спроведи и серија реформи, кои се однесуваат на слободата на медиумите и судски реформи.

– Прашањата, кои се поврзани за тоа, се уште не се целосно јасни, посочи Меркел.

Германската канцеларка се сретна со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган при што наведе дека „јасно посочила да се сфати“ дека гледа обид една четвртина од турските пратеници од курдското малцинство да бидат лишени од законскиот имунитет.

– Во разговорот денеска јасно кажав дека мислам оти има потреба од независен правосуден систем, од независни медиуми и од силен Парламент. И се разбира, одлуката за одземање на имунитетот на секој четврти пратеник во турскиот Парламент е нешто што предизвикува длабока вознемиреност. Тоа јасно му го кажав на турскиот претседател, наведе Меркел.

Таа додаде дека Турција треба да ги исполни сите услови поставени од Брисел, пред нејзините граѓани да добијат безвисен режим за патување во ЕУ.