Меркел: Можен е договор меѓу Брисел и Велика Британија

Германија сака да и помогне на Велика Британија во врска со предлозите за реформа на Европската унија, изјави денеска во Берлин германската канцеларка Меркел, додавајќи оти е уверена дека може да дојде до договор меѓу Брисел и Лондон.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, таа изјави дека за позициите на британскиот премиер Дејвив Камерон ја информирал самиот тој во телфонски разговор вчера.

– Информирана сум за барањата на Лондон, тоа што е на маса не е изненадување – изјави Меркел по средбата со јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума.

Германија сака да се најде пристап ориентиран кон решение за да се расправа за предлозите на Лондон, смета Меркел, според која, во предлозите на Велика Британија има „и тешки и помалку тешки поенти“.

– Доколку постои атмосфера и желба за надминување на ова прашање тогаш имам одредено уверување дека работите може да се решат – изјави Меркел во врска со предлозите на Камерон, кои од Европската комисија веќе беа оценети како проблематични.

Камерон од ЕУ бара изземање на Велика Британија од каков било облик на поблиски односи меѓу членките на ЕУ, конкуретноста да стане главен принцип во целата Европска унија, заштита на британскиот и на пазарите другите земји што не се дел од еврозоната, изнаоѓање решение за ограничување на правото за слобода на движење и да му се овозможи на Лондон да ја контролира миграцијата од ЕУ.