Меркел: Мултикултурализмот e „животна лага“

Германската канцеларка Ангела Меркел со вчерашниот говор на конвенцијата на својата Христијанско-демократска унија доби овации поради политиката кон бегалците, иако изненади дел од своите поддржувачи.

-Мултикултурализмот води кон паралелни општества и затоа останува ‘животна лага’, или измама“, изјави канцеларката.

Иако за дел од јавноста ова може да изгледа како изјава некарактеристична за Меркел, таа всушност само го повтори својот став од 2010 година, кога мултикултурализмот го нарече „целосен неуспех“.

„Нормално, постои склоност да се каже „ајде да го усвоиме концептот на мултикултурност и да живееме среќно едни покрај други и да бидеме среќни што живееме едни покрај други“. Но тој концепт пропадна, тој пропадна целосно“, изјави Меркел пред пет години.

Нејзиното повторување на овој став во понеделникот беше насочено кон оние членови на партијата што се сѐ позагрижени поради постојаниот прилив на бегалци, оценува Вашингтон пост.

Меркел по најновото отфрлање на мултикултурализмот истакна дека дојденците треба да се асимилираат, да ги прифатат германските вредности и да ги почитуваат германските закони. Таа објасни дека за неа создавањето на изолирани општества во Германија претставува неуспех во интеграцијата на емигрантите. Нејзината официјална политика треба да спречи создавање предградија во кои емигрантите се изолирани под остатокот од општеството, како што тоа е случај со делови од Париз или бриселскиот кварт Моленбек.