Свет

Меркел: Нема прекин на санкциите кон Русија додека не се исполни договорот од Минск

Меркел: Нема прекин на санкциите кон Русија додека не се исполни договорот од Минск

Европа нема да ги прекине санкциите кон Русија кои беа воведени поради кризата во Украина, се додека не се исполнат сите точки од договорот од Минск, изјави германската канцеларка Ангела Меркел пред лидерите од ЕУ кои дискутираат на оваа тема на самитот во Брисел, пишува Ројтерс, пренесува Нетпрес.

– Ние неможеме и нема да ги прекинеме санкциите што истекуваат во јули и септември се додека барањата од договорот од Минск не бидат исполнети. Тоа ќе биде погрешно, изјави Меркел пред долниот дом на Бундестагот.

Таа исто така нагласи дека целта на партнерствата на ЕУ со источните земји е да се подобри стандардот на живот за луѓето што живеат таму, а не поради членството на тие земји во ЕУ или НАТО.

Истиот став по однос на ова прашање има и претседателот на САД, Барак Обама.

– Нема да има омекнување на санкциите кон Русија додека Москва не ги исполни сите обврски кон договорот за прекин на огнот во Минск, соопшти Белата куќа.

Во соопштението понатаму се наведува дека Обама и Меркел во телефонски разговор изразиле согласност за значењето на понатамошна економска поддршка за Украина.

фото: ТАСС