Меркел е обвинета за велепредавство

Германската канцеларка Ангела Меркел е обвинета за велепредавство. Против неа до Сојузното државно обвинителство се поднесени околу 400 пријави поради наводно велепредавство, портврди портпаролката на обвинителството за дневникот „Тагесцајтунг“ (ТАЗ), но не ја наведе содржината на обвиненијата, пренесува „Танјуг“.

Според информациите на ТАЗ, Меркел, очигледно поради нејзината политика кон бегалците е изложена на десничарска кампања и е обвинета за велепредавство, а тие пријави, како што се наведува, ќе пропаднат уште во рамки на т.н. претходна експертиза за кривично – правна одговорност.

Според германскиот закон велепредавство е кога сторителот „делува со насилство или со закани со насилство“, а некои од подносителите нејзината политика на отворени врати ја оцениле како насилство, што според германските медиуми е правна бесмислица.

Според ТАЗ, пријавите меѓусебе се слични. Станува збор, како што се наведува, за „апокалиптично сценарио кое во рамки на една година би можело да доведе до крајот на Германија“.