Меркел и Оланд: Заеднички одговор од ЕУ за кризата со мигрантите

Потребен е заеднички одговор од ЕУ за кризата со мигрантите. За заеднички одговор од Европската унија на најлошата бегалска криза што ја погоди Европа по Втората светска војна, денес апелираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд.

Мораме да создадеме единствен систем за право на азил, истакна Оланд, додавајќи дека приливот на бегалци од кризните зони во светот е „исклучителна ситуација која ќе потрае некое време“.

Мигранти во Германија
Мигранти во Германија

Како што пренесува МИА, германската канцеларка, навела дека Германија очекува од сите земји-членки на ЕУ што побрзо да се согласат со постоечката политика кон бегалците.

Таа ги осуди насилните протести против бегалците во Хајдена за време на викендот.

По страшните слики од Хајдена во Саксонија, сакам да кажам дека силно го осудувам насилството што таму се случи и дека атмосферата на расизам што ја видовме е неприфатлива. Одбојно е да се види како десничарските екстремисти и неонацисти ја изразуваат својата омраза. Но, подеднакво е срамно да се види како германски граѓани, дури и семејства со деца тоа го поддржуваат, марширајќи со нив. Можам само да повторам дека Германија е земја кој го почитува достоинството на секој поединец, истакна Меркел.