Меркел, Оланд и Шулц на дискретна вечера во Стразбур

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц вечераа заедно во Стразбур.

На менито „актулените прашања“ и иднината на Европа, работна вечера по која никој не даде изјава, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.

Вечерата беше организирана по иницијатива на претседателот на Европскиот парламент. Средбата траеше три часа, во „пријателска и конструктивна атмосфера“, изјави за медиумите портпаролот на Мартин Шулц, Армин Машмер.

Оланд и Меркел посебно зборувале за „продлабочувањето“ на француско-германското пријателство и соработката во Европската Унија, како и актуелните прашања“, изјави портпаролот на претседателот на Европскиот парламент.

Ангела Меркел и Франсоа Оланд не дадоа никакви изјави за новинарите при нивното пристигнување во 18 часот и 30 минути во ресторанот „Зуем исехует“ (Железниот шешир) на стотина метри од Европскиот парламент, а немаа никаков коментар ниту по поминатите три часа таму.

Нивната средба беше предвидена за 11 јануари, но по нападите во Париз и Републиканскиот марш, таа беше одложена за вчера вечер.

Претседателот, канцеларката, Мартин Шулц заедно со нивните толкувачи разговарале за европските перспективи и актуелните прашања, безбедноста и тероризмот, но исто така и за Украина, беше појаснето од страна на опкружувањето на францускиот претседател,

Најновите промени во Грција исто така беа една од темите на разговорите, посебно по средбата на Мартин Шулц со новиот грчки премиер Алексис Ципрас.

На веб страницата на Елисејската палата се објавени само фотографиите од работната средба на Меркел, Оланд и Шулц без никаков коментар. Според изјави за новинари од страна на опкружувањето на францускиот претседател, францускиот претседател и германската канцеларка имале усогласени мислења во однос на тоа „ дека треба да се почитува изборот на грчкиот народ, но исто така да се почитуваат грчките обврски кон доверителите“.

Според истиот извор, потребно е да се води дијалог и размена на мислења за подобро да се разберат намерите на грчката влада.

Во среда, Франсоа Оланд ќе го прими во Елисејската палата новиот грчки премиер, додека новиот министер за финансии на Грција Јанис Варуфакис уште во понделеник ќе има средба со неговиот француски колега Мишел Сапан

Сопственикот на ресторанот за регионалниот весник „Дерниер Нувел д’Алзас“ изјави дека подготвил намалено но класично мени, на кое биле предложени три предјадења, три главни јадења и три десерти по избор за 38 евра по лице, без пијалокот.