Меркел порача дека Британија нема да има исти права како некои земји од ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел ја предупреди во четвртокот Велика Британија дека нема да може да се надева на истите права како некои членки на Европската унија по Брегзитот, критикувајќи одредени „илузии“ во таа смисла во Лондон во моментов.

„Трета земја нема да има исти права или поголеми од земјите членки. Можеби мислите дека тоа е очигледно, но морам тоа, за жал, да го кажам вака отворено, бидејќи имам впечаток дека некои во Велика Британија уште имаат илузија на таа тема“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во парламентот во Берлин пред европскиот самит на кој би требало да се одреди „црвената линија“ на ЕУ во преговорите со Велика Британија за нејзиното истапување од Унијата.

Да се верува дека Велика Британија би можела да има некои повластици по излегувањето од ЕУ какви што денес користи „би претставувало губење на времето“, истакна Меркел. Канцеларката додаде дека очекува „тешки“ преговори следните месеци и оти „нема сомневања во тоа“.

Германија и другите земји членки немаат намера да ѝ дадат на Велика Британија целосен и потполн пристап до внатрешниот пазар ба ЕУ без задржување на слободата на движењето на нивните државјани во Велика Британија, што во Лондон го одбиваат.