Меркел во посета на бегалски камп

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе упати осуда за неодамнешните напади врз бегалците во Германија, во рамки на нејзината прва посета на бегалски камп во Хајденау, кој е под постојана полициска заштита поради насилните протести на крајната десница.

Таа претходно ги осуди насилните протести против имигрантите кои се случија минатиот викенд во кампот.

Европа се наоѓа во ситуација која не е достојна за неа, тоа едноставно мора да се каже, истакна Меркел.

Во раните утрински часови во вторникот беше запалена зграда која беше планирана да биде пренаменета за прифатилиште за мигранти во близина на Берлин. Според полицијата најверојатно зградата била уништена во подметнат пожар.

Пожар во зграда наменета за прифатилиште за азиланти
Пожар во зграда наменета за прифатилиште за азиланти

Прифатилиштето требаше да згрижи околу 130 баратели на азил од следниот месец. Градоначлникот на Нојен, Детлеф Флајшман каде се наоѓа зградата изјавил дека била забележана засилена кампања на социјалните мрежи од страна на екстремистите кои биле против прифатилиштето.

Ако ова беше предизвикано од подметнувачи на пожар, тогаш според мене тие се криминалци, изјави Флашман, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Меркел беше критикувана дека била бавна да одговори на повторните повици да се вклучи во дебатата за азилантите, што моментално е најактуелна тема во Германија.

Меркел и Оланд на состанок поради мигрантската криза и за Украина
Меркел и Оланд на состанок поради мигрантската криза и за Украина

Таа конечно го прекина молкот за нападите во понеделникот, на заедничка прес конференција со францускиот претседател Франсоа Оланд, во Берлин по разговорите за бегалската криза.

Инаку, од јануари до јуни оваа година во земјите од ЕУ преку Македонија, Србија, БиХ, Албанија, Црна Гора и Косово влегле 102.000 мигранти.