Свет

Меркел пречекана со аплауз од бегалци во Берлин

Меркел пречекана со аплауз од бегалци во Берлин

Мигрантите денеска со аплауз ја пречекаа германската канцеларка Ангела Меркел во прифатен центар во Берлин, каде таа изјави дека учењето германски јазик и наоѓањето работа се најдобрите начини за интегрирање на стотиците илјади бегалци кои Германија ги очекува годинава, пренесе ДПА.

При посетата на Меркел на центарот за обработка на барањата за азил во предграде на Берлин, мигрантите ја снимаа канеларката со своите мобилни телефони и со неа правеа селфија.

-Секоја индивидуална судбина ќе се разгледува сериозно, рече Меркел. Таа соопшти дека се сретнала со сириско семејство, кое побегнало од Кобане, град на границата со Турција, што е уништен во борбите меѓу курдските борци и терористичката организација Исламска држава.

Германските политичари и бизнис лидери подвлекуваат дека важно е мигрантите да си најдат работа, затоа што тоа е најдоброто средство за нивно интегрирање и зацврстување на германската работна сила, за која се прогнозира дека до 2030 година ќе се намали за шест милиони лица заради стареењето на населението и нискиот наталитет.

-Децата, кои брзо ќе го научат германскиот јазик во детските градини, исто така, можат да играат водечка улога во олеснувањето на интеграцијата, рече Меркел.

migranti-eu

Подоцна во едно основно училиште во Берлион Меркел присуствуваше на училишен час организиран за деца на мигранти.

-Има толку големо воодушевување меѓу децата, толкава желба да учат. Сакаме да им дадеме иднина, рече Меркел.

Претходно годинава германската канцеларка беше остро критикувана за начинот на кој реагираше на солзите на едно палестинско девојче. Тогаш Меркел кажа дека не може да направи кој знае што за девојчето, чие семејство се наоѓало во фаза на депортирање од Германија.

Утринава коалициската Влада ја увери јавноста дека Германија може да си дозволи да прифати голем број мигранти, кои, според некои прогнози, само годинава ќе достигне 800. 000 лица.