Меркел: Преговорите со Турција нема да бидат лесни

Откако лидерите на ЕУ постигнаа договор за враќање на десетици илјади мигранти во Турција, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека денешните преговори со Анкара нема да бидат лесни.

Таа нагласи дека ЕУ мора да биде подготвена да почне брзо да ги враќа мигрантите од Грција во Турција со цел да се избегне „факторот на привлекување“ пред новиот систем да стапи во сила.

Меркел на прес-конференција наведе дека лидери на ЕУ не го прецизирале датумот кога тоа би можело да почне, нагласувајќи дека сите земји од Унијата сакаат спогодба за мигрантите.

Анонимен турски официјален претставник изјави дека турскиот премиер Ахмет Давутоглу ќе побара од ЕУ отварање нови поглавја во преговорите за членство и покрај тоа што Кипар се закани со вето.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави на првиот ден од самитот во Брисел дека преговорите се на вистинскиот пат, но оти не може да гарантира среќен крај.

Лидерите на ЕУ рано изутринава на самитот во Брисел договорија заедничка позиција за планот за враќање на десетици илјади мигранти во Турција, кој денеска ќе му го презентираат на Давутоглу.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.