Меркел промовира „отворени врати“ кон бегалците, но таа не би ги примила дома

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска застана во одбрана на својата политика на „отворени врати“ кон бегалците, истакнувајќи дека тоа е „дел од основната хуманост на Германија“, но додаде и дека таа не би можела да замисли да прими бегалци во својот дом.

Меркел во интервју за весникот „Билд“ истакна дека нејзина работа не е да „шири загриженост, туку да работи на изнаоѓање решение за проблемите“.

Таа изрази разбирање за стравот на граѓаните од рекордниот прилив на бегалци, за кои се очекува во Германија оваа година да пристигнат меѓу 800.000 и еден милион лица.

– За мене дел од основната хуманост на нашата земја е да ги прифатиме бегалците на пријателски начин, како што би направиле и со сите други човечки суштества – нагласи германската канцеларка.

На прашањето дали би можела да прими мигранти во својот дом, Меркел одговори дека „иако има големо почитување кон луѓето кои тоа го направиле, јас не можам да замислам тоа сега да го спроведам“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.