Меркел: Русија да ги почитува договорите од Минск

НАТО не сака каква било конфронтација со Русија и ќе продолжи да бара начини за развој на соработката со Москва, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по разговорот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Берлин, пренесе МИА.

Таа истакна дека НАТО се залага за политичка соработка со Русија, јави ТАСС.

Столтенберг ја повика Русија да се откаже од поддршката на „сепаратистите“ во источна Украина.

– Ја повикуваме Русија да ги почитува договорите од Минск, да користи свое влијание на сепаратистите и да ги натера да го почитуваат прекинот на огнот, како и да ја повлече својата поддршка на сепаратистите, изјави Столтенбер на прес-конференцијата во Берлин.

Столтенберг тврди дека НАТО не бара конфронтација со Русија.

– НАТО се стреми кон поконструктивен и покооперативен однос со Русија. Но, за да можеме тоа да го воспоставиме и Русија мора да го сака истото, истакна Столтенберг по разговорот со германската канцеларка.