Mеркел сака да работи со Русија на обновувањето на мирот во Европа

Германскиот канцелар Ангела Меркел вчера изјави дека сака да работи со Русија на обновувањето на мирот во Европа, но додаде дека не може да не го нагласи и прекршувањето на меѓународното право од страна на Москва во екот на украинската криза, пренесоа британските медиуми, пренесува МИА.

– Сакаме да го оформиме овој европски мировен поредок заедно со Русија, а не против неа, рече Меркел во говорот за време на конференцијата на нејзините конзервативци во источниот германски град Демин.

– Но, ние не можеме да се откажеме од нашите принципи – анексијата на Крим, на пример, е прекршување на меѓународното право, додаде Меркел.

Британските медиуми забележуваат дека тоа била првата нејзина изјава откако проруските сепаратисти го зазедоа стратегискиот град Дебалцево во источна Украина – потег што Берлин го оцени како прекршување на договорениот прекин на огнот.