Меркел: Сакаме дипломатско решение за украинската криза

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази верување дека е можно да се најде дипломатско решение за украинската криза, јави МИА.

– Сакаме дипломатско решение за украинската криза. Оваа криза не може да биде решена со воени средства. Убедена сум дека можеме и треба да го постигнеме тоа, истакна Меркел пред делегатите на конгресот на нејзината Христијанско демократска унија (ЦДУ) во Келн, признавајќи дека патот кон вакво решение е тежок.

Таа додаде дека Русија го прекршила меѓународното право во однос на Украина и понатаму продолжува да го крши.

Во својот говор на конгресот Меркел зборуваше и за прашањето за буџетската дисциплина во ЕУ и почитување на правилата утврдени за излез од кризата.

– Ако ние не го почитуваме она за кое се договоривме за време на кризата, тогаш ќе ги натераме луѓето да се сомеваат во нас, а тоа ќе биде лошо за Европа. Ете зошто ние Германците бараме да се почитуваат правилата, нагласи германската канцеларка.