Меркел: Се уште е можен договор за грчкиот долг

Се уште е можен договор за грчкиот долг, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел, која додаде дека и натаму верува оти Владата во Атина може да постигне договор со своите кредитори – ЕУ, Европската централна банка (ЕЦБ) и ММФ.

Според Меркел, германскиот Бундестаг „напорно работи“ за да ја задржи Грција во еврозоната, но Атина мора да се определи за реформи, што ќе мора да бидат спроведени.

– Доколку постои волја, тогаш има и решение, рече канцеларот Меркел.

Нејзината изјава доаѓа пред денешниот состанок на европските министри за финансии што се одржува во Луксембург.

На грчката Влада на премиерот Алексис Ципрас и остануваат помалку од две недели да се договори со кредиторите или се соочува со банкрот.

До крајот на овој месец, земјата треба да врати 300 милиони долари од ануитетот за земените кредити од 1,6 милијарди од ММФ.

Заменик-министерот за надворешни рабти на Грција, Еуклид Цакалотос изјави дека без помош од надвор, земјата не може да ги подмири обврските, а не може да ја исплати и првата следна рата, што доспева на 30 јуни.

– Во овој момент, Грција нема пари за тоа, признал Цакалотос во изјава за радио Би-Би-Си.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.