Меркел жали поради пропаѓањето на коалициските преговори

Германската канцеларка Ангела Меркле изрази во понеделникот жалење поради тоа што пропаднаа коалициските преговори за создавање на таканаречената „Јамајка коалиција“, што може Германија да ја воведе во нови избори.

Деловно ориентираната партија Слободни демократи (FDP) неочекувано ги напушти преговорите со конзервативната коалиција CDU/CSU на канцеларката Ангела Меркел и со Зелените, тврдејќи дека трите партии не успеале да постигна компромис за клучните прашања како што се проблемот со имигрантите и заштитата на природната средина. Нивниот лидер Кристијан Ленднер рече дека трите партии имаат различни визии за модернизација на Германија.

„Денеска не беше постигнат напредок, туку напротив, направен е чекор наназад, бидејќи почнаа да се проблематизират и посакуваните компромиси. Подобро е да не се владее отколку да се владее погрешно. Збогум!“, изјави за новинарите во неделата ноќта челникот на FDP, Кристијан Линднер.

Канцеларката Ангела Меркел рано утрото во понеделникот изјави дека жали поради одлуката на либералите. „Мислам дека бевме на добар пат. Жалам, со многу почитување кон FDP, што не постигнавме договор“, изјави Меркел за новинарите.

Меркел подоцна во понеделникот ќе се состане со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и ќе го извести за ситуацијата, а потоа ќе разговара со водството на својата Христијанско-демократска унија (CDU) за партијата да ги одреди следните чекори. Рече дека ќе стори се’ што е во нејзината моќ што подобро да управува во земјата во претстојните „тешки седмици“.

Неуспехот во коалициските преговори би можел да ја започне најтешката политичка криза во Германија во последните неколку децении, бидејќи Социјалдемократската партија на Германија (SPD) веќе најави по губењето на изборите и најслабиот изборен резултат од 1949 година, исход кој иако победи на изборите го оствари и кознервативната Унија CDU/CSU, дека планираат да останат во опозиција и да ја напуштат ткн „голема коалиција“ со Ангела Меркел.

Постигнувањето на договорот на трите партии е реална шанска Меркел да си обезбеди четврти мандат на чело на Германија. Меѓутоа, FDP кој на овие избори се врати во парламентот по четири години откако не претходните не успеа да го мине изборниот праг, и Зелените кои не биле во власта 12 години, не сакаат со компромисите да го изневерат своето гласачко тело и да го расипат својот изборен успех.

Влоговите се големи и за баварската Христијанско-соцјална унија (CSU), сојузник на Меркел во конзервативната коалиција. Во CSU стравуваат дека неуспехот да се осигури ограничување на имиграцијата ќе го поттикне дополнително растот на крајната десница на регионалните избори следната година и со тоа можеби дури да го собори CSU по 60 години владеење во оваа покраина.

Неуспехот во коалициските преговарања може да доведе и до нови парламентарни избори, а тоа не им одговара на ниедна од трите партии, бидејќи стравуваат дека тоа може да доведе до уште подобар резултат за евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD).