Мерки за безбедно лето во дебарско

Со низа, пред сѐ, превентивни мерки, полициската станица од Дебар ќе работи да ја задржи но и подобри безбедносната состојба на подрачјето во текот на овогодишната летна туристичка и жетвена сезона.

Активностите на полициските службеници ќе бидат насочени кон одржување на поволната состојба во јавниот ред и мир, криминалитетот како и стабилна безбедносна состојба во патниот сообраќај. Во овој период од годината, на подрачјето на Дебар и Центар Жупа се очекува зголемен интезитет и оптоварување на сообраќајот на локалните и регионалните патишта, пред сѐ, поради доаѓањето на граѓани од регионот кои се наоѓаат во привремена работа во странство а кои своите годишни одмори, ги поминуваат во родниот крај.

За очекуваната зголемена сообраќајна фрекфенција, свое влијание имаат и љјубители на планинскиот, бањскиот и езерскиот туризам како и бројните риболовци на Дебарско езеро и реките кои се протегат покрај регионалните патни правци Дебар – Струга и Дебар – Маврово. Покрај ова, значајно е што мошне голем број на граѓани од подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа се занимаваат со земјоделие што значи дека и оваа категорија на возила ќе бидат присутни на патиштата низ општините.

Во рамките на превентивно делување, предвидена е работна средба со земјоделците со цел нивно запознавање за обврските кои ги имаат како учесници во патниот сообраќај што управуваат со земјоделски машини како и законските мерки во случај на непочитување на сообраќајните правила и прописи. Посебно ќе се апелира, земјоделци корисници на земјоделска механизација и работни машини, да се грижат за техничката исправност на земјоделските машини и возила, на сопирачките, светлата и светлосните сигнални уреди, пократко користење на регионалните патни правци и дисциплинирано движење во јавниот сообраќај посебно во вечерните часови.

Сообраќајната полиција, во централното градско подрачје и надвор од градот редовно и интензивно ќе ја следи проодноста на сообраќајот, непрописно паркирање и задржување во сообраќајот со цел елиминирање на можните застои во сообраќајот.

Предвидени се и поинтензивни контакти со надлежните субјекти за одржување на улиците во градот и јавните патишта надвор од населено место но и мерки за заеднички настап по одредени констатирани проблематични состојби. Особено внимание ќе се посвети на безбедноста на најзагрозената категорија учесници во сообраќајот: пешаци, велосипедисти и моторциклисти.

Примената на предвидените законски мерки ќе биде неселективна, професионална и ефикасна, посебно во случаи на користење на алкохол, психотропни супстанции или други флагрантни кршења на законските одредби.