Мерки за засилување на економската соработка со Франција

Во Стопанската комора на Македонија вчера се одржа седница на Деловниот клуб за соработка со Франција и франкофонските земји.

На седницата беа избрани органите на Деловниот клуб, согласно Правилникот за организацијата и задачите на Клубот на фирми за соработка со Франција и франкофонските земји.

За претседател на Клубот беше избран Бобан Тодоровски („Стил Кон“), додека за потпретседатели на Клубот беа избрани Оливие Далонжевил („Балкан Бизнис Консалтинг“) и Љупчо Величковски („МЗТ Комерц Нова“).

„Присутните го отворија прашањето за донесување конкретни предлог-мерки за изготвување на нова програма за работа на Клубот за 2014 година, како и за утврдување на можностите за стимулирање и поттикнување на економската соработка меѓу Република Македонија, Република Франција и франкофонските земји“, соопштија од Стопанската комора на Македонија.

Оттаму информираа дека клубот ќе продолжи активно да се занимава со сите прашања и интереси на компаниите во поглед на создавање услови за соработка, како со Република Франција, така и со останатите франкофонски земји.