Македонија

Мерките против загадениот воздух останаа само на хартија

Мерките против загадениот воздух останаа само на хартија

Загаденоста на воздухот во Скопје е на многу високо ниво и би требало веќе да се вклучи алармот кај надлежните за преземање мерки против штетните и канцерогени ПМ10 честици. Но, освен константните известувања за загадувањето што секојдневно се објавуваат на страницата на Министерството за животна средина и препораките кои Градот им ги дава на граѓаните во вакви услови, конкретни мерки се’ уште нема.

Веќе десетина дена по ред алармантно загадување регистрираат мерните станици во Лисиче, Гази Баба, а загаден воздух во висока концентрација на ПМ10 честици дишат и граѓаните на Центар и Карпош

Градот усвои информација за можни мерки кои би ги презел во услови кога 10 дена континуирано концентрацијата на најопасните загадувачки честици е над 100 микрограми/метри кубни. Засега, освен усвоената информација која во вакви услови предвидува можност за воведување на пар-непар и бесплатен јавен превоз, градската власт во соработка со надлежните министерства нема донесено одлука за да се спроведат овие мерки на терен.

Од Јавното сообраќајно претпријатие велат дека имаат капацитет да воведат бесплатен јавен превоз за надминување на загадувањето на воздухот што е карактеристично за Скопје во овој период од годината, но, а тоа чекаат наредба од Градот.

За воведување пар-непар, треба да даде дозвола Министерството а внатрешни работи.
Градот, за годинава најави дека ќе стартува со прскање на улиците со калциум – магнезиум – ацетат, заради контрола и намалување на ситната прашина ПМ10 и ПМ2,5 честичките, но засега се’ уште тоа го нема сторено. Оттаму велат дека не може сообраќајниците да се прскаат со ова средство доколку коловозите се влажни, бидејќи ја губи ефикасноста.

Но, и за апликацијата на калциум – магнезиум – ацетат, како и бесплатниот автобуски превоз и други конкретни мерки, постои истиот услов , треба 10 дена континуирано концентрацијата на ПМ10 е над 100 микрограми/м3.

Засега, Градот има адаптирано едно возило со кое ќе се аплицира калциум – магнезиум – ацетат, со цел да ги лепи штетните ПМ10 честици  во воздухот, при што ќе се намали  загадувањето до 30 отсто.