Мерките за спорт поддржани од спортистите и федерациите

Претседател на Македонската теквондо федерација Борче Костовски истакна дека со  новиот закон за спорт поддржан од Груевски  директно ќе се зголеми внесот на финансии и тоа неколкукратно во спортот во Република Македонија.

-Оваа помош од државата  ќе не обврзе нас тренерите и спортските работници да работиме чесно, искрено и достоинствено. Ќе не обврзе пред нашата нација за да го подигнеме квалитетот на спортот . Овој закон ќе биде „камен темелник“ и вистински преокрет за развој на спортот во нашата држава, рече Костовски.

И Атлетската федерација на Македонија ги поздравува мерките за развој и помош на спортот во Македонија. Претседателот Крсто Серафимовски  е уверен дека во наредниот период овие мерки ќе дадат  резултати.

-Јас овие мерки би ги нарекол: „Време е за промени и време е за подобра иднина на спортот, посебно на атлетскиот спорт“, рече Серафимовски.

Како предлог на јавната расправа од Атлетската федерација ја посочија  изградбата на функционални атлетски патеки каде што е развиена атлетиката, како на пример  во градовите  Тетово, Прилеп , Струмица , Кавадарци со што ќе им се овозможи на клубовите  да имаат подобри  услови за работа.,

Владимир Пандовски, претседател на  Македонската спортска стрелачка федерација искрено ги поздрави мерките кои што се предложени за подобрување на спортот во Р. Македонија .

-Тоа е вистински чекор кој што подолго време го очекуваме и се надеваме дека рапидно и квалитативно ќе го подобриме квалитетот на спортот во наредниот период посебно за новиот Олимписки циклус за „Токио 2020 година“  што е од наш интерес како олимписки спорт , рече Пандовски.

Тој посочи дека на помалите спортски федерации и на индивидуалните спортови еден од поголемите проблем досега им беа финансиите но со новите мерки голем дел од овие проблеми ќе бидат решени.

-Мерката која што предвидува одреден процент од игрите на среќа да се одвојат за спортските федерации, за развојот на спортот воопшто е директен „ветер во грб“ за спортските федерации бидејќи ќе имаме можности на квалитетен начин да го изведуваме тренажниот процес на репрезентациите и Меѓународните натпревари, рече Пандовски.

Моника Гавриловска, генерален секретар на Македонска кошаркарска федерација изрази задоволство што после долги години дојде на ред да се расправа и за спортот.

-Сите сме свесни во колку тешка ситуација се наоѓаат спортските работници и затоа ја подржуваме иницијативата да се помогне на спортот. Македонската кошаркарска федерација е една од најголемите во државата и нашиот систем на натпревари и активности на националните селекции бараат обезбедување на што повеќе финансиски средства. Со искористувањето на овие мерки не само ние, туку и клубовите од кошаркарскиот спорт ќе можат да обезбедат дополнителни средства за нашите програми и истите целосно да бидат реализирани, а тоа би значело и полесно сервисирање на нашите национални селекции, рече Гавриловска.

Директорот на АМС Марјан Спасески истакна дека сите предлози и сугестии од спортските работници се добредојдени и дека и понатаму ќе бидат одржувани јавни дебати на кои  ќе се изнајдат најдобрите решенија за донесување на новиот закон за спорт

Спасески посочи дека инвестирањето во спортот, а особено во спортската инфраструктура во последните неколку години бил  еден од стратешките приоритети на Владата на Република Македонија.

-Вложувањето во спортот секогаш треба да се гледа од три аспекти, првиот аспект е вложувањето во подобрување на постоечката и во изградба на нова спортска инфраструктура. Вториот столб е едукацијата на стручните тренери односно кадрите во спортот и секако третиот е масовноста, објаснува Спасевски.

Тој додаде дека поради тоа што изминатиот период многу се вложуваше во спортската инфраструктура и дека реализацијата на новите мерки во спортот кое лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги промовираше пред неколку дена, ќе биде многу лесно да се спроведе.

-Инвестирани се околу 100 милиони евра до сега, за реконструкција на постоечката и за изградба на нова спортска инфраструктура, рече Спасески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.