Мерките за вработување даваат резултати

Објавени се пет нови огласи за вработување- мерки кои се дел од Оперативниот план за вработување. Сите заинтересирани невработени лица можат да аплицираат на четирите огласи за вработување преку кредитирање и еден за давање земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање за социјално загрозените лица кои се објавени преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, пишува Лидер.

За кои мерки може да се аплицира?

-Четири од огласите се за мерката кредитирање, односно за самовработување и за отворање нови работни места. Од нив два се конкретно насочени за младите лица до 29 години кои што сакаат да се самовработат, односно да основаат сопствена компанија и да отворат дополнителни работни места во рамките на ново отворената приватна компанија. Сите заинтересирани млади лица кои имаат бизнис идеја и сакаат да ја реализираат можат да подигнат кредит за основање сопствена компанија до 5.000 евра за носителот на кредитот и дополнително по 4.000 евра за секое новоотворено работно место односно кредит во вкупен износ до 23.000 евра под навистина поволни услови со 7 години рок за отплата и една и пол година грејс период со каматна стапка од само 1 процент годишно, рече министерот за труд Диме Спасов.

За овие четири мерки кои континуирано се објавуваат изминатиов период, односно од 2007 до 2014 година, вкупно имаат аплицирано 7.311 лица. Притоа вработени се вкупно 4.179 лица од кои се уште се на работа најголемиот број на вработените, односно 3.828 лица. Во тек е и огласот за давање земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање за социјално загрозените лица и за корисници на социјална парична помош преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

-Сите заинтересирани корисници на социјална парична помош, односно околу 30.000 домаќинства може да ја искористат оваа можност да аплицираат и да добијат на плодоуживање земјоделско земјиште до 3 хектари. Вкупно на располагање во 11 општини се ставаат 133 хектари за оваа намена. Јавниот оглас трае 30 дена од неговото објаавување.Примателите на социјална парична помош кои ќе аплицираат и ќе се регистрираат за земјоделци, во наредните две години нема да ја изгубат социјалната парична помош, а дополнително и ќе и биде плаќано социјално осигурување исто така за две години, изјави Спасов.

Покрај мерките за млади за самовработување со кредитирање и дополнителни вработувања преку кредитирање на млади, има и мерки кои се однесуваат и на сите други невработени лица, без разлика на староста, без разлика каков статус имале во минатото истакна директорот на Агенцијата за вработување,Влатко Поповски. Има и поволни можности за лицата кои биле стечајни работници, технолошки вишоци од некоја компанија. Тие покрај 3.000 евра кои се даваат за самовработување, добиваат дополнителни 1.000 евра за кредит којшто се дава зависно каков проект ќе има направено од три до пет години.

-Доколку проектот се работи за услуги, трговија може да подигнат средства за три лица. Доколку сите тројца се од оваа категорија ќе добијат дополнителни илјада евра. Првата година е грејс-период и имаат две години за враќање. Доколку се работи за проект за производство и ако се здружат до пет лица, носителот на проектот добива 5.000 евра, односно 6.000 евра ако е корисник, односно во минатото бил корисник на паричен надоместок по основ на стечај, ликвидација или вишок. Така тие можат да земат меѓу 17-18 илјади евра на вкупен обем на средства, со тоа што првата година им е грејс-период а средствата треба да ги вратат за четири години со камата од само 1 процент, рече Поповски.

Груевски: За еден месец од проектот „Македонија вработува“ вработени 1.216 лица

Вкупно 1.216 лица се вработиле во првиот месец од спроведувањето на проектот „Македонија вработува“. Очекувам оваа динамика на вработувања уште повеќе да се забрза во следниот период, истакна денеска во Скопје премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

-Проектот „Македонија вработува“ оди одлично. Со првиот месец вработени се 1.216 луѓе кои претходно биле невработени. Тоа е идентично како четири фабрики со по 300 и неколку луѓе или една голема од 1.216 луѓе. Се обидувам пластично да пренесам што значи за еден месец да бидат вработени 1.216 лица. Овој проект го најавивме во март, веднаш потоа следуваа законски измени кои ги усвои Парламентот и тој стапи на сила на 27 април, така што досега се вработени 1.216 луѓе. Јас верувам дека овој проект понатаму ќе продолжи со ваква и уште посилна динамика бидејќи првиот месец се уште сите не ги знаат условите, а сега веќе полека сите ги дознаваат тие услови коишто се за вработување, рече Груевски.

Тој подвлече дека ова е проект кој е директно насочен кон зголемување на вработеноста, односно на намалување на невработеноста во РМ, но е и директна помош пред се на домашните компании во државата.

– Од околу 980 компании коишто аплицирале да бидат дел од овој проект, околу 780 се мали компании со број на вработени до 10, додека околу 200 се со над 200 вработени. Така што ова се параметри кои покажуваат дека овој проект им помага, особено на малите и средни компании во Република Македонија, посочи премиерот Груевски.

Компаниите задоволни

-Овие мерки ја потврдуваат стратегијата на владата да продолжат отпочнатите проекти кои што ги има во делот на вработувања. Со овие мерки се создава еден континуитет и се овозможува, се дава една исклучителна можност на компаниите тие да бидат мотивирани, да се зголемат капацитетите на човечките ресурси во нивните компании и така е се даде можност на голем број луѓе кои не се кфалификувани да работат во една компанија, да добијат простор да бидат квалификувани, а со тоа државата ќе даде голем придонес во делот на ослободување на персонален данок и останатите давачки за придонеси. Сметаме дека ова е искучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да допринесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки, се препознава стратегијата на Владата дека има намера сериозно да се зафати со проблемот – невработеност и да се изнајдат сите можни начини да се мотовираат и компаниите и невработените да се активираат и да најдат работа, изјави за Лидер, Сеад Кочан, потпретседател на ССК.

“Она што се најавуваше подолго време дека ќе имаме ослободување за вработување на лица и се случи и мислиме дека во овој момент секој трошок намален за водење бизнис, а во насока на вработувањето и вклучување на што повеќе лица во работниот процес е квалитетна одлука и мерка и треба да се продолжи да се реализира, со што ќе биде начин за потикнување на водење бизнис во Македонија“ изјави Миле Бошков, од Конфедерацијата на работодавачи.

Само со мерката за вработување на млади до 29 години за една година се вработени 7.400 лица за 11 месеци. Инаку согласно Оперативниот план на Агенцијата за вработување, годинава со мерките ќе бидат опфатени 16 000, а се очекува 8000 да се вработат.