Анализи

АНАЛИЗА: „МерКрон“ е иднината на Европа

АНАЛИЗА: „МерКрон“ е иднината на Европа

Прес-конференција исполнета со симболизам – германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ја разгледаа во Брисел иднината на Европа. Од тоа колку успешна ќе биде нивната заедничка работа, зависи и успехот на Европската унија. Таа прес-конференција, изгледа е почеток на една голема европска дружба.

Перфектната двојка на една сцена – смирената канцеларка, со нејзиното импресивно искуство, и младиот претседател, исполнет со неисцрпна енергија. Тој и’ дава на соработката нов импулс и чувство за свеж воздух, а таа ги споделува со Французинот своите длабоки познавања за европската и за меѓународната политика, објавува „Дојче Веле“, пренесува НетПрес.

Стартување на француско-германскиот мотор

Ако Германија и Франција сакаат да работат заеднички, тогаш и Европа ќе се движи напред. Тоа е претпоставката за нашата заедничка иднина, потенцира Макрон, кој победи на претседателските избори во својата земја како проевропски кандидат и сега се зацврстува на позицијата на лидер, во рамките на првото јавно обраќање до јавноста по средба на високо ниво во седиштето на ЕУ во Брисел.

Со својата изјава францускиот претседател го оживеа духот на соработката. Тој спомена како некогаш „стариот канцелар Хелмут Кол и поранешниот претседател на Франција, Франсоа Митеран, исто така работеле заеднички рамо до рамо во името на европската идеја“. Од своја страна Меркел, со блага, но забележителна насмевка, изјави дека со минатото се занимаваат историчарите, додека нејзина цел е да се наоѓаат решенија за она што следува. И додека Макрон се држеше до бомбастичен говор, германскиот канцелар се обидуваше да го воздржи, не дозволувајќи му да се оддалечи од темите. Тоа може да се работи и во иднина – во потрага на баланс меѓу политичките прашања и практичните цели.

Сигнал за единство

Германија и Франција повторно се утврдуваат како движечка сила во Европа. Сега е вистинскиот момент за тоа. По неколку години на политички превирања во Европската унија, континуирани кризи и игнорирање на проблемите на ЕУ, треба да биде даден одговор на прашањата кои сме ние и каде сакаме да се движиме?

Тука треба да биде поставено и едно иронично прашање – колку од нас сакаат да продолжат да се движат напред заеднички? Ангела Меркел даде одговор, споменувајќи за „Европа 27“. Макар и досаден, Брегзитот е неоспорно случување, кое сепак и не е во фокусот на европската политика. Овластените за водење на преговорите за „разводот“ меѓу Брисел и Лондон, треба да ги подготват сите детални решенија за него, а потоа владите и лидерите на земјите на донесат конечни одлуки.

Британскиот премиер Тереза Меј се обиде да ја претвори последната средба на врвот на ЕУ во форум на своите идеи и желби – потег кој наиде на еден доволно студен отпор. Париз и Берлин одамна размислуваат како да ја конструираат иднината, а не минатото. Можеби нема да дојдат до револуционерни идеи, но сепак има решителност за решавање на внатрешните проблеми.

Европа треба подобро да ги заштитува граѓаните, потенцира Макрон.

Со ова тој нема во предвид само соработка во областа на одбраната, туку и заштита на европската економија од дампинг.

Меркел се залага за слободна трговија и категорично се спротиставува на протекционизмот. Во таа насока зборовите и се насочени кон САД – „ако Вашингтон не го остави својот пазар отворен за европските компании, тогаш и американскиот бизнис ќе се соочи со затворени врати во ЕУ“.

Лидерите на двете земји, како и порано, своите акценти ги стават на различни проблеми, но и двете страни гледаат во иста насока. Тие сакаат продлабочување на интеграцијата во Европа, дури тоа и да доведе до промени во базичните закони на ЕУ. Заедницата треба да ги смени своите вредности и да стане посолидарна, да ги убеди граѓаните на ЕУ со реални дејствија, а не со зборови. Ефектот од Брегзит веќе видно спласнува, а со тоа и во земјите на Унијата евроскептицизмот слабее.

Среќна иднина или сепак нешто ќе тргне наопаку?

Ако погледнеме како Меркел и Макрон едногласно ги презентираат своите погледи, ни се сака многу да поверуваме во една среќна иднина. Во идеи за спас, кои се појавуваат благодарение на големите тешкотии. Од воодушевувањето и оптимизмот, кои струеја од последната средба на високо ниво во Брисел, на многумина можеби им се заврте во главата.

Во ситуација, во која Европа е обесхрабрена од бегалската криза и од Брегзит, а Доналд Трамп шири уште поголема несигурност, се појавува млад политичар, кој на единствена Европа и придава нова динамика. Тој, исто така, на свој грб може да понесе дел од товарот „лидер на западниот свет“, товар кој со време може да стане неподнослив за Ангела Меркел.

Еден од примерите е отвореното изразување на мислење на Макрон за источноевропските земји, кои ЕУ ја сметаат за своја каса, а солидароноста – за еднонасочна улица.

Но, превисоките очекувања може да доведат до разочарување. За почеток Макрон треба да покаже во Франција дека може да ги убеди своите сограѓани во неопходноста од реформи, пред да мисли за промените во ЕУ. Неможе предвреме да бидат давани пофалби. Но, меѓу своите сојузниците Макрон може да смета на германскиот канцелар, која пред се’ дејствува прагматично и делумно прозаично во постигнување на целите, а дури потоа се заложува за плановите за далечната иднина.

Ако имаме к’смет, тогаш Макрон и Меркел заедно може да станат доволно импресивна сила и да ги постават начелата на новата ера на стабилност – онаа на „МерКрон“.