Месец на театарот во Драмски – секој ден по една претстава

Секој ден по една претстава за која билетите ќе чинат 100 денари, најавува Драмски театар по повод Март – Месецот на театарот. Билетите треба да се купат до денот пред секоја од претставите зашто на денот кога се играат, ќе бидат 150 денари.

Според директорот Роберт Вељановски, во март, Драмски ќе има најмалку 31 претстава, колку што има денови. Тој очекува голем одглас кај публиката, најмалку 10 проценти повеќе од лани кога „акцијата“ била одлично прифатена.

На 27 март, за Светскиот ден на театарот, се предвидени три изведби. Воедно, Театарот ќе биде бесплатно отворен за сите, но билети ќе мора да се набават. Планирани се и забави, изложби, продажба на книги,…

На 4 март, пак, со изведба на  „Ждрело“, Драмски ќе одбележи 50 години од вселувањето во постојниот објект кој е донација на Британската влада. Билетите за оваа претстава ќе бидат симболични и ќе чинат 50 денари.

На 4 март во 12 часот ќе има и свечено одбележување на јубилејот на сцената на Театарот.

Објектот на Драмски во Карпош 2 е отворен 1965 година со премира на драматизацијата „Богомилска балада“ според романот на Владо Малески „Она што беше небо“, од Милан Ќурќчинов и Илија Зафировски“.

Директорот Вељановски информира дека во Драмски моментно се работат две претстави – „Приказна за човекот без рака“ во режија на Синиша Ефтимов чија премиера се подготвува за 21 април кога Театарот ќе слави 69 години од постоењето, како и „Безљубни“ во режија на Златко Славенски.

Билетарата на Драмски театар е отворена секој ден од 9 до 22 часот и во недела, од 12 до 20 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.