Меси ја задржа Барселона на чекор зад Реал

Фудбалерите на Барселона ја постигнаа во саботата вечерта својата 22-ра победа годинава во шпанскиот шампионат, совладувајќи го на својот „Камп Ноу“ Реал Сосиедат со 3:2, откако претходно водечкиот Реал Мадрид со истиот резултат славеше на гостувањето кај Спортинг Хихон.

Куриозитет за натпреварот игран во Барселона беше тоа што сите пет голови беа постигнати во првото полувреме. Лионел Меси ги доведе домаќините во водство во 17 минута со прецизен дар од работ на казнениот простор, а во 37 минута аргентинскиот ас буквално ја втурна топката во мрежата откако гостинскиот голман го одбрани ударот на Луис Суарез.

Реал Сосиедат намали во 42 минута со автоголот на Умтити, но само по две минути Меси му асистираше на Пако Алкасер за повторна предност од два гола. Сепак, во последните секунди од судиското продолжување на првото полувреме гостите намалија преку Прието.

Во второто полувреме немаше голови, па Барселона со оваа победа остана на три бодови заостанување со меч повеќе зад Реал Мадрид кој успеа да ги извлече сите три бода против Спортинг во Хихон.

Мадридските кралеви, иако ослабени без Кристијано Роналдо и Гарет Бејл кои не беа во составот а Лука Модриќ и Тони Крос останаа на клупата за резервни играчи, успеа и покрај двете водства на домаќините да слави со конечни 3:2, што многу значи во трката за титулата во Ла Лига.

Спортинг поведе преку хрватскиот интернационалец Дује Чоп веќе во 14 минута, но Иско по само три минути, исто така, со убав гол донесе изедначување со коешто се отиде на полувреме. Домаќините повторно рано поведоа и во вториот дел, во 50 минута преку Микел Весга, и повторно Реал набрзо по девет минути го анулираше водството преку Алваро Мората. Саботната одлична игра ја круниса Иско со погодокот во 90 минута.

Во Мадрид со уверливи 3:0 Атлетико ја совлада последната Осасуна, со погодоците на Караско во 30 и 47 и на Фелипе Луис во 61 минута. Меѓутоа, „јорганџиите“ во финишот на мечот пропуштија да забележат поубедлива победа, откако не реализираа два пенала, прво Караско кој не успеа да постигне хет-трик, а потоа и Томас. Имено италијанскиот голман Сиругу ги одбрани двата удара од белата точка.

Депортиво, исто така, беше уверлив против Малага со 2:0. Головите ги постигнаа Хоселу во 47 и Москера во 67 минута.