Спорт

Меси: Немам никаков проблем со Енрике, уште помалку сакам да си заминам од Барселона

Меси: Немам никаков проблем со Енрике, уште помалку сакам да си заминам од Барселона

Синоќа навивачите на Барселона можеа да уживаат во одличното издание и победата на нивниот тим против шампионот Атлетико Мадрид (3:1), а фантастичната вечер ја заокружи најдобриот каталонски фудбалер, Лионел Меси, кој веднаш по натпреварот даде интервју во кое ги демантираше сите гласини дека има конфликт со тренерот Луис Енрике или пак дека има некаква желба да си замине од “Камп Ноу”.

Тој потврди дека атмосферата во соблекувалната, особено по последната победа е одлична, а ги нападна медиумите, особено оние кои важат за блиски до Барселона, бидејќи направиле конфузија и збрка помеѓу нивните фанови.

“Не сум поставил никакви услови или пак ултиматум за да останам, затоа што не планирам да си заминам од Барселона. Јас сум среќен тука, а најновите лаги навистина болат, затоа што произлегоа од медиумите овде, во Каталонија. И тоа е сосема поразлично од написите во медиумите од Мадрид, кои обично се користат за да не напаѓаат и да ни наштетат. Навистина не сакам да ја напуштам Барселона и се што излезе во медиумите е лага. И за Челси, и за Манчестер сити, и за моите односи со тренерот. Има луѓе кои сакаат да му наштетат на клубот и тие не се од Мадрид”
, изјави Лионел Меси.

На крајот даде коментар и за утрешното доделување на наградата на ФИФА, “Златна топка”.

“Златната топка? Не знам кој ќе ја добие, но знам дека победникот ја заслужува. Ноер и Роналдо исто така имаа одлична година зад себе”, заврши Лионел Меси.