Месната индустрија се соочува со големи загуби заради листеријата

Случајот со листеријата во месните производи на месарницата Екстра меин каде што беше детектирано присуство на оваа бактерија ќе се одрази врз целата месна индустрија, коментираат познавачите на состојбите, анализира Лидер.

Граѓаните веќе внимаваат што купуваат, повеќето апстинираат од сувомеснати производи овој период,

-Иако сум скептична за речиси сите производи што ги купувам, сега сум посебно внимателна со сувомеснатите производи и гледам да ги избегнувам овој период, вели Марија од Скопје.

И пензионерот Стојан вели дека информацијата дека во сецкан свински врат имало листерија го натерала повеќе да не купува сувомеснати производи.

-Иако не сум љубител на сувомеснати производи, знаев да се замезам со пријателите. Но, сега со сите овие бактерии, човек веќе не знае што да јаде. Нема веќе со сигурност да купувам, вели тој.

Засега спорните производи на кумановската компанија Екстра меин се повлечени од пазарот а производството е запрено. Истовремено Агенцијата за храна и за ветеринарство препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сечкан свински врат со рок на употреба 21.7.2014 до 4.9.2014 година.

Од Агенцијата наведуваат дека што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија, операторите со храна од животинско потекло, од 30 јули 2014 година, во согласност со извршеното надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарни мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, како дел од дополнителните превентивни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија, вршат задолжително лабораториско испитување на сите лотови од производите од животинско потекло, кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, за утврдување на евентуално присуство на бактеријата листерија.

Месната индустрија веќе е потоната во криза, коментираат познавачите. Најмногу поради напливот на увозни месни преработки кои им создаваат нелојална конкуренција. Неодамна сопствениците на месната компанија Римес ја затворија фабриката поради финансиски проблеми.