Мета: Односите меѓу Албанија и Македонија клучни за целиот регион

Односите меѓу Албанија и Македонија се клучни и стратешки за целиот регион. Сите политички сили, како во Тирана, така и во Скопје имаат одговорност и задача да ги конкретизираат и да ги унапредат, удвојувајќи го нашиот заеднички ангажман. Ова го истакна претседателот на албанскиот Парламент, Илир Мета денеска во обраќањето пред пратениците во македонското Собрание, пренесе МИА.

– Албанија и Македонија, Албанците и Македонците, исто како и Грците, Србите, Црногорците, Бошњаците и Хрватите, живеат со векови на еден заеднички географски простор, и треба да ги споделуваат заедничките стратешки интереси и да ги употребат сите инструменти на повеќепланска соработка за нашата заедничка цел – иднина во Европската унија, рече Мета.

Ние, како што наведе, не веруваме во менување на границите на Балканот, туку во нивното целосно исчезнување, така како што направи Европската унија, дестинацијата каде што сакаме да бидеме заедно, и модел на стандардот што ние сакаме да го аплицираме тука, во нашиот дом.

Денес, истакна Мета, потребен е развој на интелигентни и прагматични политики додавајќи ги коридорите што не поврзуваат, скратувајќи ги дистанците што не држат далеку, со цел создавање на еден значаен мотор на економски раст и благосостојба.

Според него, пазарната конкуренција денес се одвива меѓу регионите, а не меѓу државите.

Говорејќи за интегрирањето во ЕУ, Мета истакна дека секоја земја во регионот денес ја следи траекторијата на јасниот пат на интегрирање во Унијата.

Притоа искажа благодарност за активниот и конструктивен ангажман на Македонија при секоја регионална иницијатива каде што се работи заеднички.

– Албанија е свесна за значајноста што ја има во регионот, имајќи ги предвид Албанците што живеат во пет земји во регионот. Одржливата и здрава стратегија на нашата регионална политика е тесно поврзана со нашиот пристап во прилог на растот на благосостојбата на сите наши граѓани, рече Мета.

Посочи меѓу другото дека стојат далеку од архаичните националистички алтернативи… – Затоа сум убеден дека се наоѓаме пред еден историски момент каде што се прескокнати многу јазови, кога треба да говориме за заеднички проекти од реципрочен интерес, за енергијата, за индустријата, нашата прекрасна животна средина, агро-производството, образованието, транспортот, туризмот и здравството, нагласи претседателот на албанскиот Парламент.

Осврнувајќи се на последните настани во Франција и Белгија, Мета рече дека тие го будат алармот што денес доаѓа повеќе од кога било од меѓународниот тероризам.

– Албанија е и ќе биде одлучна во своите ставови, суштински толерантна. Нашиот модел на повеќевековна верска хармонија ни дава многу сигурност и многу искуство…  Ние, како многу илјадни европејци, се чувствуваме природно покрај парижаните и сите повредени европски народи во овие денови, додаде Мета.

Говорејќи за европската интеграција, тој меѓу другото рече дека во овие рамки треба да се засилат заедничките напори за изградба на железничката линија меѓу Македонија и Албанија. – Брзата реализација на оваа железничка линија ја сметам за стратешка итност за Албанија и Македонија, за да се даде нов значај на Коридорот 8, особено на нашите две земји, посочи Мета.

Притоа додаде дека се преземени и конкретни чекори за градење на патот на Арбри во делот на Албанија, како една друга алтернатива што ги приближува Тирана и Скопје. – Нашите очекувања се дека со отворањето на овој патен коридор помеѓу двата Дебра, и македонската страна да работи на продолжувањето на ова битна делница до Скопје, рече претседателот на албанското Собрание.

Изразувајќи благодарност до својот домаќин Трајко Вељаноски за гостопримството, Мета нагласи дека во Скопје е дојден за да ја искаже јасната порака на искрено пријателство и за да потврди дека Албанија, како сосед и како земја членка на НАТО, целосно и беспоштедно ја подржува Македонија на нејзиниот пат кон евро – атлантските интеграции.

Според него, за градењето добрососедство треба заедно да се работи во насока на зголемување на меѓусебната доверба.

– Убедени сме дека патот на разбирањето и позитивната соработка е израз на волјата на народите што ние ги претставуваме. А народите, сакале и сакаат, мир, соработка и благосостојба, додаде Мета.

Говорејќи за соработката меѓу македонското и албанското собрание, Мета рече дека заедно со Вељаноски го споделуваат убедувањето дека двата парламента треба да ја конкретизираат повеќе реципрочната соработка помеѓу групите на пријателство, парламентарните комисии и администрацијата.

Претседателот на албанскиот Парламент подвлече дека врските меѓу нашите народи се дамнешни, додека пак односите меѓу двете држави се повеќе се зајакнувале во текот на двете последни декади.

– Ценам дека особено во текот на последните 14 години имаше значителен напредок. Денес сме подобро од тоа што бевме вчера. Меѓутоа, ако судиме реално и со позитивна намера, се уште сме далеку од проектираните очекувања, рече Мета.

Во контекст на тоа подвлече дека ритамот што го изискува европеизацијата на двете земји, стандардите на соживот и хармонија, се уште се цели што треба да се достигнат.  – Ова го велам од позиција на еден политичар оптимист за нашата заедничка европска иднина и свесен дека ние не сме едноставно само соседи, туку браќа што живеат на еден заеднички економски и социјален простор, додаде Мета.

Албанија и албанскиот народ, како што подвлече, се заинтересирани и на природен начин ги подржуваат стабилноста, суверенитетот и економскиот и социјален развој на Република Македонија.

– Ние ги споделуваме истата визија и истото убедување со нашите сојузници дека Македонија, нејзината стабилност и суверенитет се суштинска неопходност за успешен мир и во прилог на напредокот на целиот наш регион. И за тоа сме биле и сме подготвени да го дадеме нашиот беспоштеден придонес, истакна Мета.

Во исто време, како што рече, треба да се вложиме уште повеќе во градењето на одржливи мостови на соработка и на плодни и конкретни односи.

Во своето обраќање Мета нагласи дека Македонците и Албанците се славни на Балканот како мајстори за проектирање и градење на камени мостови кои пркосат на времето низ векови.

– Нашите политички класи, треба да ги следат со уште повеќе страст и повеќе скромност овие дарови на нашата заедничка историја. Затоа што, филозофијата на мостовите што поврзуваат планини и народи, каде што се обезбедува комуникацијата, размената и соработката, е победничката филозофија на Европа, која минатиот век преживеа две светски војни. Војни кои гледани низ денешната призма на ЕУ, изгледаат апсурдни, целосно несфатливи, рече Мета.

Во обраќањето се осврна и на неопходноста од спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, притоа посочувајќи дека тој не зајакнува и не приближува сите едни до други и не приближува до ЕУ.

– Охридскиот договор и неговото заживување е доказ на нашата европска волја. Доказ за мирот и меѓуетничката хармонија, за националните егоизми кои историски се докажале, покрај реториката и фолклорниот сјај, сепак воопшто некорисни и воопшто неинтелигентни за реализација на интересите на нашите народи, рече Мета.

Тој посочи дека Албанија ќе биде секогаш до Македонија во поддршка на нејзиниот развој. – Затоа нашите влади треба да работат уште посилно за зајакнување на меѓуграничните проекти кои се во прилог не само на квалитетниот живот на граѓаните од двете страни на границите, било да се тоа Албанци или пак Македонци. Затоа што одделно сме многу мали, меѓутоа обединети создаваме значителен и привлечен пазар за странски инвестиции, додаде тој.

Во обраќањето Мета информира дека пред неколку дена имал средба со градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко на која станало збор за поголема поддршка кон понатамошната интеграција на македонското малцинство во нашата земја.

– Ние сме горди на оваа прекрасна и вредна заедница која не само што го чува и консолидира мајчиниот јазик и своите најдобри традиции, туку е и одличен пример на соживот и интеграција, истакна Мета во обраќањето во македонското Собрание.

Претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана од претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски.

Мета денеска имаше средба со својот домаќин Вељаноски, а во рамки на посетата се очекува да се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

Претседателот на Албанскиот парламент во рамки на посетата ќе се сретне со претставници на раководствата на ДУИ, ДПА и СДСМ.

Предвиено е тој да се сретне и со Орхан Ибраими, претседател на пратеничката група на Собранието на Македонија за соработка со Парламентот на Албанија и членовите.

На средбите во Скопје Мета ќе биде придружуван од петмина пратеници членови на Групата на Албанскиот парламент за пријателство со Собранието на Република Македонија.

Ова е возвратна посета на Мета на Македонија. Претседателот на Собранието на Република Македонија Вељаноски беше во посета на Тирана во декември 2013 година.

ФОТО: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.