Металург го очекува “пекол” во Загреб

Македонскиот шампион Металург во сабота ќе му гостува на Загреб, натпревар кој ќе се игра во рамките од третото коло на групата А во Лигата на шампионите.

Според она што може да се види, “металурзите” ги очекува вистински пекол во “Арена”, па покрај квалитетниот состав на Загреб, кој веќе успеа да совлада гигант како што е Кил, ќе треба да се соочат и со преполната сала.

Пет дена пред дуелот раководството на Загреб ППД најави дека влезот за овој натпревар ќе биде бесплатен, па ги повика своите навивачи да ја наполнат загрепска „Арена“ и да помогнат да се дојде до нов триумф.

„Насочени сме кон дуелот со Металург. Свесни сме дека во сабота не чека исклучително тежок натпревар, противник кој традиционално не ни лежи и нивниот тренер Лино Червар кого не треба посебно да го најавуваме. Затоа посакуваме навивачите да ја ’наполнат’ Арена и да ни помогнат да дојдеме до уште една победа“ – вели Хорват, на кого се надоврзува и најдобриот стрелец на тимот Лука Степанчиќ.

„Сите очекуваа дека на овој двобој Металург ќе дојде со четири бода, но сега притисокот е на Македонците. Најважно е максимално да се концентрираме на дуелот и со помош на нашите навивачи да го оставиме Металург и по третото коло на нула бодови. Верувам дека навивачите ќе дојдат во сабота во ’Арена’ и исто како и против Кил ќе бидат нашиот ветер во грб за да дојдеме до победата“ – вели Степанчиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.