Металург и официјално е новиот ракометен шампион на Македонија

Ракометрите на Металург и официјално ја освоија титулата во домашното првенство, откако во последното коло од првенството славеа на гостувањето кај Пелистер со 25:20. Рутинскиот триумф во Битола значеше и заокружување на оваа одлична сезона за избраниците на Лино Червар, кои најпрвин беа поуспешни во двомечот со Вардар, за потоа рутински да ја одработат задачата против останатите тимови на домашната ракометна сцена.

Ренато Вугринец со единаесет погодоци (шест од пенал) беше најефикасен поединец на натпреварот и уште еднаш докажа зошто важи за најдобар ракометар на Металург оваа сезона. Актерите на натпреварот со аплаузи беа испратени од битолската публика, која не крие дека очекува уште поголем раст на Пелистер во следната сезона, за кога е најавено доаѓање на неколку квалитетни ракометари што би го приближиле овој тим многу поблизу до нивото на Металург и Вардар.