Металург “испазари” среден бек – пристигна Мраковчиќ

Мраковчиќ е новиот хрватски талент кој се очекува да блесне во Металург

20-годишниот Хрват ќе биде новиот организатор на играта во Металург, а неговиот избор не треба да чуди, бидејќи и пред две години Червар “пазареше” во својата татковина, кога доведувањето на Лука Циндриќ во Автокоманда се покажа како полн погодок.

Мраковчиќ, кој доаѓа од редовите на Замет, претходно настапувал и за екипите на Печине и Козала.

Пресреќен сум што доаѓам во еден од најдобрите балкански клубови, а особено задоволство ми прави тоа што за тренер и учител ќе го имам најдобриот европски стратег Лино Червар. Доаѓањето во Металург го сметам како голем чекор напред во мојата кариера, бидејќи со тоа ми се остварува сонот да играм во Лигата на шампоните. Се надевам дека ќе го оправдам мојот агажман во тимот и дека ќе бидам дел од новото издигнување на клубот, изјави Мраковчиќ по потпишувањето на тригодишниот договор со клубот од Автокоманда.

Мраковчиќ во својата кариера ги минал сите младински селекции на Хрватска, а пред две години со јуниорската репрезентација стигна до второто место на СП што се одржуваше во Унгарија.

Од таборот на Металург се најавува дека во следните денови ќе бидат објавени уште неколку нови ракометари, со што би се комплетирал тимот што во новата сезона ќе се натпреварува во домашното првенство и во Лигата на шампионите.