Металург ќе достави апликација за вајлд карта во ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја продолжи својата пракса и потврди дека покрај загарантираните места по редовен пат и преку квалификации, секоја земја може да побара дополнително место за учество во елитната Лига на шампионите и во следната и во сезоната 2016/17.

Како што минатата година Вардар, како македонски вицепрвак, наместо во ЕХФ-купот, доби право да игра директно во Лигата на шампионите, токму со ваква дополнителна пропусница, популарно наречена вајлд-карта, така и сега Металург се надева дека ќе ја добие милоста на европската ракометна куќа и ќе игра со континенталниот крем. Уште во февруари клупскиот претседател Левче Китевски изјави дека ЕХФ може да им додели ваква валјд-карта, меѓутоа тоа нема да биде едноставно.

Како и во минатата сезона, ЕХФ ќе земе предвид неколку важни критериуми во разгледувањето на апликациите за дополнително место во ЛШ.

“Доделувањето дополнителни места на оние федерации, или клубови кои побарале е базирано на неколку критериуми, кои ги оценуваат салата, ТВ-преносите, пласманот во домашното првенство, бројот на гледачите, настапите во претходните клупски натпреварувања на ЕХФ, спонзорскиот потенцијал на клубот, како и извршувањето на неговите должности”, пишува во соопштението на ЕХФ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.