Металург не се плаши од фаворизираната Омонија

Денеска на Кипар, со почеток во 18:00 часот, фудбалерите на Металург го стартуваат првиот натпревар од 3. квалификациско коло од најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.

Првотив на македонскиот претставник е фаворизираниот тим на Омонија од Никозија, кој може да се пофали со 17 странски фудбалери.

И покрај аутсајдерската улога, предводникот на прволигашот од Автокоманда, Срѓан Захариевски, пред натпреварот изјави дека Металург има се што е потребно за да забележи позитивен резултат на тешкото гостување.

“Сакаме да се покажеме во најдобро можно светло, да извлечеме што е можно подобар резултат на тешкото гостување во Кипар. Омонија е фаворит на хартија, тука нема никаква дилема. Противникот има тим кој е составен од 17 странски фудбалери, а ние имаме млада екипа, новокомпонирана, од домашни фудбалери. Јас верувам во моите фудбалери, нема да се предадеме, ќе го дадеме максимумот и верувам дека со позитивен резултат ќе се вратиме во Скопје. Го елиминиравме Железничар, а сега ќе пробаме со истите сили да оствариме позитивен резултат на Кипар. Нема фудбалери кои се жалат на повреда, напротив, сите се максимално мотивирани, сите се подготвени за дуелот против Омонија”, изјави Захариевски.

Реванш натпреварот на националната арена “Филип Втори” во Скопје ќе се одигра на 7 август со почеток во 20:45 часот.