Металург нема што да загуби во дуелот со Барселона

Македонскиот ракометен вицешампион Металург е подготвен за последниот натпревар во групната фаза во Лигата на шампините против Барселона. “Металурзите” в недела (18.00 ч) во СЦ “Борис Трајковскив” во рамките од Ц гупа ќе се обиде да и го нанесе првиот пораз на моќната Барселона. Во овој натпревар избраниците на тренерот Лино Червар, ќе влезат без притисок, бидејќи веќе го имаат обезбедено пасманот во Топ 16 фазата. 

„Ни доаѓа противник кој за секоја екипа е голем предизвик, Барселона според мене е фаворит број еден за освојување на ЛШ. Од друга страна, жал ми е што мечот доаѓа во моментите кога имаме проблеми бидејќи не сме комплетни. Покрај Мојсоски, кој е повреден веќе извесно време, се мачи и Атман, кој се врати повреден од настапот на ЕП во Данска. На првиот меч Барса немаше милост кон нас, мислам дека најважно в недела ќе биде нашите играчи да дадат се од себе, да се обидеме со борбеност да му се спротивставиме на големиот фаворит. Немаме што да загубиме, ќе излеземе на терен и ќе одиграме најдобро што знаеме против овој европски гигант. Очекувам одново да имаме проблеми во нападот, но ќе повторам, имаме докажано дека со борбеност можеме да му парираме на секој ривал“ , изјави Червар.
Средниот бек Филип Миркуловски најави дека ракометарите се подготвени за големиот предизвик.
„Знаеме како минавме во Шпанија, тоа е само мотив повеќе да покажеме дека тоа беше лош ден. Сакаме да играме против големи тимови, особено во Скопје, кога тука падна ПСЖ, зошто истото да не биде случај и со Барселона, изјави Миркуловски.
Металурзите на првиот натпревар на гостински терен загубија со 35:17

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.