Металург подобар од Веспрем

Ракометарите на Металург му го нанесоа вториот пораз на унгарскиот гигант Веспрем, на мини турнејата во Македонија.

По поразот од македонскиот шампион Вардар (30:28), Унгарците паднаа и во Автооманда, отако беа совладани и од македонскиот вицешампион со 25:23 (13:12) .
Избраниците на тренерот Лино Червар заслужно стигнаа до победата и покрај тоа што на овој натпревар во својот тим ги немаа Наумче Мојсоски и Павел Атман, а во последните 20 минути играа и без Ренато Вугринец, кој доби црвен картон.
Металург беше подобар во првиот дел постојано одржувајќи водство од два до три гола разлика за на крајот на одмор да замине со 13:12. Нашиот состав извонредно го почна и второто полувреме и со серија од 5-1 до 37. минута стигна до водство од 18:13. Но, по исклучувањето на Вугринец, Унгарвите успеаја да го изедначат резултатот на 20:20, но не и да направи целосен пресврт.

Металург на овој натпревар демонстрираше одличен ракомет, и покрај бројните повреди во тимот, презентирајќи го пред македонската јавност и најновото свое засилување Лука Циндриќ кој покажа дека ќе биде од големо значење за составот на Лино Червар во пролетниот дел од Лигата на шампионите.