Спорт

Металург поразен на гостувањето кај Целје во СЕХА лигата

Металург поразен на гостувањето кај Целје во СЕХА лигата

Ракометарите на Металург претрпеа нов пораз во СЕХА лигата откако вечерва во натпревар од 9. коло загубија на гостувањето кај Целје со 34:25 (15:12).

Во текот на целото прво полувреме домашната екипа имаше предност откако дуелот го почна со 4:0. На полувреме беше 15:12 за Целје, а на стартот од вториот дел Металург успеа во 35. минута да изедначи на 16:16. Но, ракометарите на Целје за осум минути направија серија од 6-1 за повторно да имаат резултатска предност, која ја зголемуваа до крајот на натпреварот.

Најефикасен кај победникот беше Тилен Кодрин со 10 голови, а голманот на домашните Урбан Лесјак имаше 19 одбрани. Кај Металург најпрецизен беше Халил Јагањац со осум голови.

Со вечерашната победа Целје со 17 бодови се проби на третото место на табелата, додека Металург остана на седмото место со девет бодови.

Во следното коло во сабота е дуелот на македонските екипи во ова натпреварување Вардар е домаќин на Металург.